СОНЦЕ е формирана 1996 како неформална група за само-помош на ромската заедница во Тетово . Групата функционираше така што собираше доброволни прилози од ромските семејства , кои потоа се употребуваа за ургентни потреби на ромската заедица .
Една година подоцна, во летото 1997 СОНЦЕ беше посетена од претставници на Програма за Учество на Ромите - ПУР , Институт Отворено Општество - ИОО ( Roma Participation Program - RPP , Open Society Institute -OSI) . Претставниците на ПУР- ИОО дадоа предлози за формална регистрација на СОНЦЕ како граѓанско здружение и за поддршка на активностите од нивна страна .
По ова , во 1997, СОНЦЕ се регистрира како здружение на граѓани и со поддршка на ПУР- ИОО започна и до денес функционира како Центар на Ромската Заедница во Тетово.
По регистрирањето СОНЦЕ делуваше преку хуманитарни активности и проекти на задоволување на егсизтенцијалните, хуманитарните и социјалните потреби на Ромите и останатите загрозени општествени групи и поединци. На овој начин СОНЦЕ функционираше до 1999 година.
Со настапувањето на косовската криза , која предизвика криза и во Македонија , СОНЦЕ работеше на надминување на создадените проблеми . Во текот на 1999-2000 СОНЦЕ работеше на потребите на бегалците, нивните домаќини и социјално загрозените семејства. Беа дистрибуирани над 2000 тони храна, облека, и хигиенски средства, парични средства за домаќинствата и друго.
Од работа на ургентни хуманитарни потреби , се премина кон градење на развојни програми за долгорочно подобрување на условите и состојбите на целната група. Со тоа започна третата етапа во работата, како организација која работи програмски во насока на перманентно и одржливо решавање на потребите на Ромите. Работата на СОНЦЕ од 2000 до 2005 се темелеше на Стратешки план за овој период на Сонце развиен во соработка со искусен волонтер од Сојузен Германски Каритас. Работата беше насочена кон работа на проекти кои би понудиле одржливи решенија на економско- социјалните проблеми на ромската популација , работа на прашањата на жените Ромки и адресирање на потребита на младите Роми. На иницијатива на самото членство на организацијата , во текот на февруари 2000 е формирана Женската Организација , како дел од СОНЦЕ , додека подоцна, во текот на 2001 година се формираше и Младинскиот Форум. На тој начин СОНЦЕ прерасна во мулти-функционална организација со бројно и разновидно членство.Во текот на сите години од постоењето СОНЦЕ за својата пожртвувана работа за добробитта на ромската популација во Македонија е поддржана од страна на ПУР-ИОО. Од оваа програма во текот на целиот период 2001-2005 организацијата добива институцинална поддршка за реализација на основните активности.
Во 2005 година СОНЦЕ ја согледа потребата од реструктуирање на организацијата со цел да одговори на новите предизвици во контексот во кој делува, како и на потребата од градење на нов повеќегодишен план за работа на организацијата. На 8 октомври 2005 година е одржано Генерално Собрание на СОНЦЕ на кое е воспоставена нова структура на СОНЦЕ и се дадени идните насоки за работа, врз основа на кои во следниот период е изграден овој Стратешки план , низ процес кој вклучуваше претставници од различните структури на организацијата и ромската заедница